Роуд шоуата и постоечките и најавените нови технолошко-индустриски развојни зони годинава ќе бидат главната мамка на која Владата ќе лови странски инвестиции. Тие лани се покажаа како добар потег, а главните резултати од нив се очекуваат годинава. За 10 месеци од 2011 година во Македонија влегоа странски инвестиции во вредност од 211 милиони евра, што е под владините очекувања, но е повеќе од целите претходни две години, кога инвестициското салдо изнесуваше скромни 159, односно 145 милиони евра. Минатата година инвестициски е позитивна и по тоа што странските компании повеќе вложувале акционерски капитал и реинвестирале добивка, отколку што изнесувале пари во своите матични фирми во странство. Најновата најава од Владата е дека до средината на годинава треба да има навалица од странски инвеститори и со тоа да продолжи трендот почнат во втората половина од минатата година.
Роуд шоуата и постоечките и најавените нови технолошко-индустриски развојни зони годинава ќе бидат главната мамка на која Владата ќе лови странски инвестиции. Тие лани се покажаа како добар потег, а главните резултати од нив се очекуваат годинава.
За 10 месеци од 2011 година во Македонија влегоа странски инвестиции во вредност од 211 милиони евра, што е под владините очекувања, но е повеќе од целите претходни две години, кога инвестициското салдо изнесуваше скромни 159, односно 145 милиони евра. Минатата година инвестициски е позитивна и по тоа што странските компании повеќе вложувале акционерски капитал и реинвестирале добивка, отколку што изнесувале пари во своите матични фирми во странство.
Најновата најава од Владата е дека до средината на годинава треба да има навалица од странски инвеститори и со тоа да продолжи трендот почнат во втората половина од минатата година. Десет странски компании во текот на минатите два месеца до надлежните во Владата испратиле неофицијални известувања дека донеселе интерни одлуки за отпочнување инвестициски проекти во Македонија. Оваа информација веќе ја разгледа, а потоа ја соопшти владиниот Комитетот за странски инвестиции, но од деловни причини не се кажуваат нивните имиња. Тоа ќе се направи пред да се потпишат договорите или пред почетокот на изградбата на објектите во кои ќе работат. Освен овие, приближно уште толку странски фирми ја информирале Владата дека се блиску до носење такви одлуки.
Со дел од тие компании контактите се воспоставени на неколкуте роуд шоуа кои ги направи Владата во втората половина на минатата година, на кои ги информираше странските бизнисмени какви поволности ќе добијат ако инвестираат во Македонија. Затоа, практиката потенцијалните инвеститори да се бараат на ваков начин продолжува. Следното роуд шоу треба да биде во Турција, а на доаѓањето на британската бизнис-делегација предводена од принцот Мајкл од Кент во Македонија се гледа како одлична шанса да се подобри британското инвестициско портфолио во Македонија, кое не е многу дебело. Според сегашните сознанија, Британците се најмногу заинтересирани за вложување во рударскиот, земјоделскиот и секторот на прехранбената индустрија.
Има оптимизам и за зголемување на холандските инвестиции, откако овој месец беше формирана Холандско - македонска комора. Според извршниот директор на Комората, Боб Смит, нејзина прва задача ќе биде да ги запознае холандските бизнисмени со потенцијалот на Македонија. Холанѓаните најголем потенцијал за соработка гледаат во земјоделскиот сектор и во производството на опрема. Лани Македонија за прв пат ја посети и претставник на Аргентина. Гилермо Салвадор Азрак, аргентински амбасадор во Софија, надлежен за Македонија, во Стопанската комора на Македонија информираше дека неговата земја сака бизнис-соработка со Македонија, особено во областа на енергетиката.
Технолошко индустриските зони, пак во кои со полна пареа работат само две фабрики - Џонсон Контролсс и Џонсон Метии од годинава веќе нема да се идентификуваат како ливади на кои пасат шарени крави. Во зоните Скопје 1 и 2 и Штип завршуваат градежните активности и годинава треба да бидат целосно функционални. Во нив се вселуваат втората фабрика на Џонсон Контролсс, , италијански Текнохозее, американски Кеметт, а фирмата германски Кромберт и Шубертт ја избра зоната Жабени. Нивните инвестиции, заедно со другите што влегоа во втората половина на минатата година вредат вкупно 100 милиони евра, а кога ќе почнат со производство, ќе отворат нови 5.000 работни места.
Според програмата на Владата и Буџетот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, годинава треба да имаме вкупно 11 технолошко индустриски зони. Планирано е да завршат сите инфраструктурни активности во зоната Скопје 1, а функционални да станат и зоните Скопје 2 и Штип, додека за зоната во Тетово е објавен тендер за партнер кој заедно со државата ќе ја изработи, ќе оперира со инфраструктурата и ќе менаџира со зоната. За да се достигне бројката од панираните 11 зони, наскоро ќе стартуваат активности за планирање, проектирање и почеток на градба и на уште седум. Владата очекува во една зона годинава да има повеќе од еден инвеститор, при што во скопските треба да има пет. Бидејќи зоните со сите бенефиции за странските инвеститори што ги носат со себе се покажаа како проверен рецепт, планираните за оваа година ќе се градат со динамика според потребите на инвеститорите и на локации каде што тие ќе сакаат да работат.